Каталонските медиуми јавуваат дека е постигнат договор за трансфер на Феран Торес во Барселона, а аргентинскиот TYC Sports наведува дека на Камп Ноу пристигнува и Единсон Кавани.
Торес, напаѓачот на Манчестер Сити, е најголемата желба на Барселона за јануарскиот преоден рок. Барселона и Сити веќе со недели преговараат за висината на обештетувањето и се чини дека конечно постигнале договор. Сити бараше 60 милиони, Барселона понуди 45, а сега се некаде на средина.
„Чави, договорувајќи го преземањето на Барселона, побара од преседателот на клубот да му го донесе Феран“, пишува каталонскиот Мундо Депортиво. Торес, 21-годишниот Шпанец, оваа сезона одигра само седум натпревари поради повреда, но наскоро треба да се опорави.
Оваа недела Барселона го испрати во пензија Серхио Агуеро кој ја заврши кариерата поради проблеми со срцето, а аргентинскиот TYC Sports тврди дека во Барселона доаѓа уште еден јужноамерикански напаѓач на местото на Агуеро.
“Кавани ја одби Бока затоа што сака да потпише за Барселона во јануари. Тоа дури и му го кажа јасно на аргентинскиот клуб. Тој сака да се наметне на уругвајскиот тренер во дресот на Барселона за клучните квалификации за Светското првенство”, напиша TYC Sports за 34-годишен напаѓач на Манчестер Јунајтед.