Во интервјуто со Мајкл Овен беа откриени многу интересни детали од кариерата на поранешниот ас на Ливерпул и Англија.
Акцентот беше ставен на резултатите на репрезентацијата во времето на Овен и денес.
– Секогаш навивам за Англија и секако дека сакав да го освојам ЕУРО, но кога си поранешен играч твоите ставови се различни. Не е љубомора, јас навистина го сакам овој тим, момците одлично се согласуваат, но да станеа европски шампиони, знам дека едно од моите прашања ќе беше „Дали сегашните репрезентативци се подобри од оние со кои играв“ – Овен ја започна приказната за Дејли Меил и продолжи:
– Не би рекол дека Хари Кејн е подобар од Вејн Руни. Го имавме Ешли Кол, еден од најдобрите леви бекови во светот, нашите стопери беа неверојатни, сегашните играчи од средниот ред не се ни блиску до Стивен Џерард, Френк Лампард или Пол Сколс. Да победеа сега, ќе бев во депресија и ќе се чудев како потфрли мојата генерација.
Следуваше објаснување за причините за ова:
– Главниот проблем беше тимскиот дух. Го немавме како што го има тимот на Герет Саутгејт. Една недела се сакавме, а втората се мразевме. Не можевме да го надминеме егото. Втората причина е селекторот. Да беше Глен Ходл на клупата во 2002 година, а на Свен Горан Еркисон, ќе го освоевме Светското првенство во Јапонија и Јужна Кореја.
Во дресот на Англија, Овен одигра 83 натпревари и постигна 40 голови.
– Малку сум љубоморен што никогаш не сум играл против Сан Марино. Го погледнав списокот на репрезентации на кои им давав голови, тоа беа Бразил, Аргентина, Германија. Тогаш погледнав против кого Хари Кејн стрелаше и си реков „головите против второкласни репрезентации не треба да се бројат. “ – рече брутално Овен.
Како за потсетување, Кејн погоди четири пати во победата на Англија од 10-0 во Сан Марино на последниот натпревар на Гордиот Албион.