Хари Кејн можеше да му ја скрши ногата на Енди Робертсон, изјави менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп по ремито 2-2 на „црвените“ против Тотенхем во натпревар од англиското фудбалско првенство.
Клоп негодуваше на многу работи на овој натпревар. Германецот протестираше за недосуден пенал врз Диого Јота и не само што не беше досуден, туку и менаџерот на Ливерпул беше санкциониран со картон за неговите протести.
„Резултатот од натпреварот е логичен, но со правилни пресуди ќе беше поинаков. Чудно е, бидејќи црвениот картон за Робертсон докажа дека ВАР функционира. Искрено, досега бев апсолутно сигурен дека судиите не се во ВАР собата. „За среќа, ногата на Робертсон веќе беше во воздух и немаше скршеница. Ако ногата на Енди беше цврсто на земја, тоа секако е скршеница“, рече Клоп.