Челниците на шпанското фудбалско првенство усвоија нови правила и упатства, поради зголемениот број на заразени со коронавирус во Шпанија и Европа.
Според новите правила, играчите и членовите на стручниот штаб ќе треба да прават антигенски тест секој ден, пред тренинг или спортски активности, а во овие мерки се опфатени и членовите на второлигашките екипи.
Пред да се вратат од претстојниот божиќен одмор, играчите ќе треба да направат PCR тест.
Регионалните власти ќе имаат право да одлучат колку долго играчите ќе бидат во изолација, доколку се позитивни на вирусот.
Покрај новите мерки, на клубовите им се советува играчите да избегнуваат престој во соблекувалната, за да ги ограничат контактите.
На играчите ќе им биде препорачано да дојдат на тренинг во согласност со правилата кои важеа за време на екот на пандемијата на коронавирус во таа земја, а им е препорачано и да се тушираат по натпреварот дома или во хотел.
Во претходниот период, неколку играчи на Реал Мадрид и Атлетик Билбао беа заразени со корона вирусот во шпанскиот шампионат, додека околу 90 играчи беа заразени во англиската Премиер лига.