Утринава пораката на Новак Ѓоковиќ на Инстаграм, со која потврди дека патува во Мелбурн на Австралија опен, израдува многу негови фанови ширум светот, но има и многу други кои се згрозени од фактот дека на Србинот му е дозволено „медицинско“ ослободување „од задолжителната вакцинација“, што му овозможува да учествува на турнирот што го освоил девет пати во кариерата.
Англиските медиуми беа меѓу првите кои реагираа критички, но од час во час се појавуваат нови негативни реакции.
Реагираа дури и некои италијански политичари кои го осудија потегот на организаторите да му дозволат на Ѓоковиќ да настапи во Мелбурн.
„Одвратен, скандалозен, ужасен пример“, пишува Анса за реакциите на политичките претставници на левиот центар во Италија.
Гувернерот на Лацио Никола Зингарети, поранешен лидер на левичарската Демократска партија (ПД), ја нарече одлуката „одвратна“ и рече дека тоа е „ужасен пример и шлаканица за оние кои се борат против Ковид“.
Регионалниот здравствен советник на Лацио и член на ПД, Алесио Дамато, рече дека Србинот бил „ужасен пример“ за оние кои размислуваат дали да се вакцинираат или не, и дека тој „ја искористил својата слава и богатство за да добие псевдо-изземање“.
Спортскиот претставник на ПД, Марко Беруто, на Твитер напиша дека изземањето на Ѓоковиќ е „голем скандал кој прави преседан со невидени опасности, кој заслужува само згрозување кај сите спортисти кои мислат дека треба да се почитуваат правилата“, наведува „Анса“.
„Патетично е вклучувањето на Новак Ѓоковиќ на Австралија Опен – а ѕвездата ќе се соочи со голема реакција“, е насловот на текстот на британски „Експрес“.
„И така, по неколку месеци шпекулации дали или не, Новак Ѓоковиќ неизбежно ја доби битката за моќта на вакцината на Австралија Опен. Секако дека ја доби. Гледајќи наназад, бевме глупави дури и да помислиме дека ќе се постигне различен исход.
На крајот на краиштата, ако има нешто што нè научи оваа глобална пандемија, тоа е фактот дека многу од богатите и многу моќните можат ефективно да се извлечат со што и да посакаат, додека обичните луѓе се тие што остануваат да ги собираат парчињата.
Тоа го гледаме одново и одново во последните неколку години, било во политиката, бизнисот или, како што јасно покажува овој пример, во спортот.
Треба да се запрашаме што ќе мислат жителите на Мелбурн, кои поминаа низ некои од најстрогите карантински ограничувања во светот во последно време, читајќи го насмеаното ажурирање на Ѓоковиќ на социјалните мрежи во вторник наутро за да го потврди неговото учество на турнирот.
„Ви посакувам на сите здравје, љубов и среќа“, напиша тој на Инстаграм, наизглед несвесен за иронијата на неговите зборови, пренесува „Експрес“.
Сето ова се случува пред Новак допрва треба да пристигне во Мелбурн. Можеме само да замислиме на какви притисоци ќе биде изложен пред почетокот, а особено за време на турнирот.
Тој одамна е навикнат на многу такви работи и покажа дека може да се носи со различни типови на притисок, но впечаток е дека и на тој план ќе биде во најголемо искушение во Мелбурн.