Тој е еден од поискусните, веќе 34-годишен, со цела деценија првенства зад себе, а па затоа може да даде веродостојна оцена за тоа како се однесува селекцијата уште во оваа фаза, на денови до почетокот на првенството.
„Нормално е пред секое големо натпреварување да има возбуда. Поголем број од нас репрезентативците имаме искуство со настапите на Европските првенства, знаеме што носи и што бара едно вакво големо натпреварување. Јас сум оптимист, можам да кажам дека доста добро се работи на тренинзите. Сите играчи сосема добро ги одбработуваат задачите што им се дадени. Имаме добра атмосфера и ако успееме тоа од тренинзите да го пренесеме на натпреварите ќе бидеме на добар пат да се надеваме на добар резултат“, вели Георгиевски.
Иако ЕП сега е со 24, а не со 16 репрезентации, сепак Георгиевски вели дека нема лесни противници, а овие што ни ги додели судбината ни се познати
„Доста познати противници, многу пати сме ги одмерувале силите дали на квалификациски или натпревари од големите турнири. Првиот натпревар против Словенија е дуел каде што тие се фаворити и притисокот ќе биде на нивна страна. Треба да влеземе во натпреварот ослободени од резултатот, а од друга страна да имаме максимален фокус, да ги исполниме задачите кои ќе ни бидат дадени и се надевам на позитивен резултат. Црна Гора е екипа што навистина има квалитетни играчи. Се работи за доста борбена репрезентација и секогаш можам да кажам дека играат и повеќе од своите можности, даваат се од себе. Добро се познаваме и ќе биде интересен натпревар од причина што и тие и ние знаеме дека најголемата шанса за бодови е овој натпревар“, вели популарниот Џомба.
Против Словенија отвораме на 13 јануари, со Црна Гора играме два дена подоцна, а на 17 јануари ќе ја затвориме групната фаза против Данска, за која Георгиевски вели дека е фаворит и на првенството, не само во групата во Дебрецен.
„За Данска не треба да се трошат зборови сите знаеме за каква репрезентација се работи. Можеме да зборуваме за нив само во суперлативи. Против една ваква репрезентација треба да одиграш во текот на целиот натпревар, да кажам, безгрешно за да се надеваш на добар резултат. Ние тоа го демонстриравме во Скопје во квалификациите и покажавме дека не се непобедливи. Јасно е дека тие се фаворити не само во оваа група туку и на првенството“, заврши десното крило на Вардар