Настапот на Ѓоковиќ на Австралија Опен се уште е под знак прашалник. И така ќе биде барем уште еден ден, пишуваат австралиските медиуми кои тврдат дека министерот за имиграција Алекс Хок денеска нема да донесе одлука дали ќе му ја укине визата на српскиот тенисер.
Најдобриот светски тенисер вчера ја доби тужбата против Австралија и доби виза за влез во Австралија, каде што веќе одработи два тренинзи за да се подготви за првиот Грен слем сезонава, но министерот за имиграција Алекс Хок има право да му ја одземе визата.
Посебен проблем за Ѓоковиќ е истрагата што ја покрена федералната влада во Австралија против него, која се обидува да открие дали лажел додека го пополнувал формуларот за пријавување.
Така, Ѓоковиќ или некој друг на формуларот во негово име посочил дека не патувал во други земји во 14 дена пред да пристигне во Австралија, а австралиските власти сакаат да докажат дека некој лажел.
Што не би требало да биде тешко бидејќи факт е дека Ѓоковиќ тогаш, во периодот од 23 декември до 6 јануари, од Белград отпатува за Шпанија, каде на 31 декември тренираше во Марбеља.
Како доказ за тоа можат да се земат и бројните извештаи на медиумите од Шпанија во тие денови, но и видео кое беше објавено на Твитер на една тамошна академија на денот кога Ѓоковиќ тренираше таму.
Кабинетот на министерот Хок денеска излезе со кратко соопштение.
„Во согласност со правилата, министерот Хок детално ќе го испита случајот. Со оглед на тоа што се работи за отворен случај, несоодветно е да се даваат дополнителни коментари“, велат од таму, неофицијално потврдувајќи дека одлуката нема да биде објавена денеска.
Федералната влада инсистира дека била во право кога му ја укинала визата на Ѓоковиќ бидејќи Ѓоковиќ се заразил со коронавирусот во последните шест месеци не е оправдување за влез во земјата невакциниран. Судот ја укина оваа одлука бидејќи владата призна дека не му дала доволно време на Ѓоковиќ да ги задоволи сите процедури при влезот во земјата и се повлече од спорот.