Хрватската ракометна репрезентација загуби на отворањето на Европското првенство во Сегед, Унгарија, од Франција со 27:22. „Каубоите“ десеткувани од повреди и коронавирус одиграа храбра партија, рамнотежата со Французите ја задржаа до самиот крај, но на нивно разочарување сепак не можеа да издржат до крај .
И без Домагој Дувњак, Лука Циндриќ ,Марино Мариќ и Марко Мамиќ, Хрватска и пружи добар отпор на фаворизираната Франција, иако лошо го започна дуелот.
Пред се поради лошата игра во нападот, Хрватска во 19. минута заостануваше со 9:4, но со седум гола во последните 11 минути од првото полувреме разликата се намали на 13:11 пред паузата.
Избраниците на Хрвоје Хорват не успеаја да се доближат на помалку од два гола, а можеби клучните моменти се случија во 48. минута кога Хрватска за само 12 секунди заработи три исклучувања. Поради прекршок прво беше исклучен Срна, потоа хрватската клупа доби две минути казна поради приговор, а потоа Мандиќ направи груб прекршок над Карабатиќ, за што беше казнет со црвено-син картон. Затоа може да се соочи со драстична казна, бидејќи за тоа одлучува судиската комисија на ЕХФ.
Франција ја материјализираше бројната надмоќ со два гола со кои побегна на 23:19 и мирно ја контролираше играта до крајот.
Иван Чупиќ со шест и Тин Лучин со четири гола ја предводеа Хрватска, додека Хуго Дескат со седум и Дика Мем со шест гола беа најефикасни кај Франција.
Во 2.коло в сабота од 20.30 часот Хрватска игра против Србија која во првиот меч ја совлада Украина со 31:23.