Натпреварувањето на Австралија опен започна денеска, но стартот и настаните во Мелбурн се уште се во сенка на речиси двонеделната сага за влезот на Новак Ѓоковиќ во земјава.
На крајот се заврши со тоа што првиот тенисер во светот беше спречен да се бори за 10. трофеј на „Ози опен“ затоа што му беше укината визата и беше спроведена депортација, но тој не е единствениот што имаше проблем.
На пример, руската тенисерка Наталија Вихљанчева иако беше вакцинирана не можеше да стигне на турнирот, а сега ја откри причината за тоа.
Имено, 24-годишната тенисерка не можела да влезе во Австралија бидејќи била вакцинирана со „Спутник V“, а тамошната влада донела одлука со која сега ја признава таа вакцина. Ваквата одлука на надлежните Наталија иронично ја прослави на социјалните мрежи, иако е доцна за нејзиното учество.
– Момци, имам неверојатни вести за вас. Како што можеби знаете, австралиската влада утрово ја одобри вакцината „Спутник V“, напиша Ната на Твитер, со хаштаг „Подобро некогаш отколку никогаш“.
Руската тенисерка меѓу првите ги посочи проблемите во организацијата на Грен слем турнирот во Мелбурн, бидејќи и покрај вакцината не и беше дозволено да се натпреварува.
– За жал, нема да учествувам на Австралија опен. Задоволна сум од нивото на тенис што го покажав на претходните неколку турнири и сакав да играм. Но, „Спутник“ се уште не е потврден. Им посакувам среќа на сите учесници, напиша Вихљанчева на 20 декември.
Вихљанчева во досегашната кариера има две титули на ИТФ, додека на Грен слем турнирите има два пласмани во второто коло, двата пати на Австралија опен. Таа моментално е 151-ва во светот, додека во 2017 година беше најдобро пласирана, како 54-та во светот.