Светската фудбалска федерација (ФИФА), како секоја година, така и оваа ги избра најдобрите на свечената церемонија „The Best“. Очекувано, најголемо исчекување имаше за прогласувањето за најдобриот фудбалер на светот за 2021 година. Така, за најдобар играч беше одбран Роберт Левандовски, победувајќи ја конкуренцијата на Лионел Меси и Мохамед Салах.
Лева-гол остана без „Златната топка“, што според многумина беше неправедно. Левандовски сруши неколку рекорди во дресот на Баерн Минхен и беше главен во нападот на оваа екипа. Стигна до двојната круна во Германија, ама не успеа да го одведе Баерн Минхен далеку во Лигата на шампионите.
Полјакот минатата сезона на 44 натпревари постигна 51 погодок и запиша осум асистенции. Овие бројки и неговото влијание во играта на Баерн и Полска беа доволни за Левандовски втора година во низа да го освои ова признание.
Поради ковид-пандемијата ФИФА организираше затворена „гала“ во своето седиште во Цирих, па така гостите се јавуваа преку онлајн врска и така се обраќаа на јавноста.
Во склоп на настанот беше избрана и најдобрата фудбалерка за изминатите дванаесет месеци, а признанието ѝ припадна на Алесиа Путељас, која беше најдобра во „пресметката“ со Дени Хермосо и Сем Кер. Покрај признанието од ФИФА, Путељас претходно ја доби и „Златната топка“.