Македонија со убедлив пораз и без освоен бод го заврши ова Европско првенство, а Миркуловски објави дека после завршувањето на сезоната оди во пензија и ќе се посвети на тренерската работа.
„Ако здравјето ме послужи дефинитивно за баражите ќе бидам присутен, но дефинитивно ова е моја последна сезона како клупска, така и репрезентативна, потоа ќе се посветам на тренерската работа. Останувам во Вецлар како помошник“, рече Миркуловски.
Средниот бек посочи дека имале големи очекувања за ова Европско, но ковид-проблемите и повредите биле пречка за подобар настап на Македонија.
„Сите ние имавме големи очекувања сѐ додека не се случија тие повреди и ковид-проблемите. Сѐ почна со повредата на Дејан Манасков, па Никола Митревски, за на крај и Кире Лазаров ден пред стартот на ЕП да се повреди, па проблемите со ковид-19 со Никола Митревски, Столе Стоилов… Ќе беше поинаку да бевме сите на број, но ете не бевме кадарни сега да освоиме бодови, а и ја видовме Црна Гора колку е силна, после денешната победа со Словенија за пласман во втората ваза. Вечерва сакавме да покажеме убава игра, за наша душа, ама ете загубивме со 10 разлика. Сепак Данска е врвна екипа, иако одмараше и дел од играчите. Тие се број еден фаворити на ова ЕП и ние загубивме од најдобриот тим“, додаде Миркуловски.