Килијан Мбапе веќе практично беше член на Реал Мадрид, но буквално преку ноќ се предомисли и остана во Пари Сен Жермен. Ова е, се разбира, стара и изџвакана вест. Во гостувањето на шоуто Чирингито, претседателот на Реал Флорентино Перез зборуваше за „сагата“ која со месеци го исполнуваше медиумскиот простор; ја отвори душата и за прв пат разјасни што се случувало.
– Колку пати слушнавме од самиот Мбапе дека единствениот сон му е да игра за нашиот клуб. Уште минатото лето тој буквално го најавуваше трансферот, постојано повторувајќи дека само го сака тоа. И тогаш буквално преку ноќ се се сврте, тој беше под страшен притисок. Претседателот на Франција Емануел Макрон, градоначалникот на Париз…нема кој не го притискаше да остане во ПСЖ и тој попушти под тој притисок. Мене лично ми е незамисливо шпанскиот крал да направи нешто такво со играч на Бетис или некој друг клуб. Тој политички притисок беше засилен со финансискиот притисок што дојде од Катар.
Претседателот на Реал дополнително појасни дека сето тоа подоцна се одразило во барањата на Мбапе кога веќе било јасно дека сака да излезе од претходниот договор:
– Сакаше да биде исклучен од нашите спонзорски активности, побара да учествува во нив само доколку овие спонзори се и негови. Во историјата на овој клуб никој никогаш не го побарал тоа, ниту пак го добил. Фудбалот е колективен спорт и секој наш играч мора да се однесува на овој начин. Секоја чест за него, но малку скокна од шините,се замисли дека е којзнае што, дека е актерска или пејачка ѕвезда, а сите околу него се само статисти. Бев шокиран, си реков – ова не е мојот Мбапе.
Перез, сепак, покажа одредена доза на разбирање:
– Сèуште го сакам, свесен сум дека е млад човек кој подлегна на невиден притисок. Му го одзедоа сонот, а мене ми е жал за мајка му, која исто како него сакаше нејзиниот син да дојде во Реал. И сакаше нејзиното дете да го исполни детскиот сон и да заигра за Реал. Не сум се слушнал со неа, но многумина велат дека и е срам што сето тоа заврши вака.
Перез додаде дека во истиот „аранжман“ за малку не пропаднал и трансферот на Орелиен Чуамени од Монако во Реал бидејќи Мбапе тоа го побарал од репрезентативниот колега.
Орелиен ми кажа лично. Во последен момент доби одлична понуда од ПСЖ, Килијан лично го убедувал, но тој, за среќа, остана доследен .