Одделни медиуми од Италија објавија дека Салернитана во Несторовски гледа засилување за нападот и подобрување на гол-ефектот на тимот од Салерно, кој досега има дадено едвај 13 голови сезонава, а покрај македонскиот репрезентативец кој во Удинезе е во втор план, гледа прв напаѓач до крајот на сезонава.
За Несторовски веќе имаше во последниве два месеци интерес од второлигашки екипи, како Виченца, Монца, Лече и Кротоне, но два од овие четири клуба веќе се откажаа од опцијата за ангажман откако најдоа соодветни засилувања за нападот.
Несторовски во октомври се врати на терените после седум месечната пауза поради повредата на лигаментите на коленото, па со оглед на својот статус во Удинезе каде премалку игра, потребна му е промена на средината за да влезе во натпреварувачки и гол-ритам, а со тоа и да биде конкурентен за националниот дрес особено поради фактот што конкурентите за нападот и тоа од младата гарда есеноска играа одлично во своите клубови, пред сѐ Милан Ристовски, Бојан Миовски и Доријан Бабунски.