Жардел двапати ја освојуваше „златната копачка“ за најдобар стрелец во 1999 година и во 2002 година, а сега после повеќе од една деценија откако заврши со фудбалската кариера, првпат откри дека додека бил на врвот на Европа, постојано се дрогирал со кокаин, а еднаш и се предозирал.
Бразилецот кој кариерата ја почна во Васко де Гама, најсилен белег остави во Порто со неверојатни 125 гола на 130 меча, а блескаше и за Спортинг Лисабон и Галатасарај, додека во кариерата беше дел и од Болтон, Анкона и Черно Море. Во 2002 година кога вторпат беше „златна копачка“ како фудбалер на Спортинг, признал дека се дрогирал и бил пуштен на најако.
„Се дрогирав кога бев на врвот, најдобар стрелец на Европа. Во таа 2002 година успеав така да се предозирам со кокаин што седум дена бев буден, немав ни минута спиено. И би сакал сите што ме гледаат, да им кажам дека јас не сум позитивен пример. Мислев дека ништо нема да ми биде, а јас паднав на дното и ми требаше многу време за да се кренам. Сега сѐ е во ред. И тоа што е најважно е дека останав жив, па денеска можам да ѝ кажам НЕ на дрогата“, открил Жардел пред камерите со солзи во очите, додека учествуваше во ВИП-реално шоу во Португалија.