Заврши групната фаза на годинешниот Куп на африкански нации и по дводневна пауза турнирот продолжува со осминафиналето.
Имаше неколку сензационални резултати во секој поглед, фудбалот често беше негледлив, видовме неколку контроверзни одлуки, а некои терени беа во катастрофална состојба. Но сето тоа е шармот на африканското првенство и нешто слично беше речиси познато уште пред да започне натпреварувањето во Камерун.
Сепак, малкумина можеа да поверуваат дека Гана со браќата Ају, Томас Парти и Даниел Амарти и други звучни имиња ќе го заврши турнирот во групната фаза, а што е со бранителот на трофејот Алжир? Марез и пријателите собраа само еден бод во групата со Брегот на Слоновата Коска, Екваторијална Гвинеја и Сиера Леоне!
Може да се каже дека најмногу импресионираа Камерун, Мароко и Нигерија (единствена екипа со максимален учинок), Мали игра многу добар фудбал, а квалитетен тим има и Брегот на Слоновата Коска.
Се префрламе во елиминационата фаза, не очекуваат осум натпревари, а фокусот дефинитивно ќе биде на дуелот меѓу Египет и Брегот на Слоновата Коска. Победникот од тој меч ќе оди кај подобриот од мечот Мароко – Малави, а ако се земе предвид дека избраниците на Вахид Халихоџиќ ќе бидат фаворити, тогаш во четвртфиналето не очекува уште еден спектакл.
Осминафинале :
Гвинеја – Гамбија
Камерун – Комори
Египет – Брегот на Слоновата Коска
Мароко – Малави
Буркина Фасо – Габон
Нигерија – Тунис
Сенегал – Кејп Верде
Мали – Екваторијална Гвинеја