Карим Бензема, „златната топка“ за 2022 година му докажа уште еднаш на Дидие Дешамп дека е страшен голгетер, откако не го искористи францускиот селектор за СП во Катар. Со два гола во последните осум минути од мечот, напаѓачот му ја донесе 12-та сезонска радост на Реал Мадрид со двата гола против Ваљадолид за победа од 2-0.
„Кралскиот клуб“ ќе преноќи како лидер после тешко остварениот триумф, во кој ВАР им додели пенал во 82-та минута кој Бензема го реализираше, а Серхио Леон патем беше исклучен. Францускиот напаѓач на минута пред крајот на асистенција на Едуардо Камавинга ја дуплира предноста и ја запечати победата.
Бензема не играше на СП поради повреда, но пред неколку дена неговиот менаџер откри снимки од лекарските прегледи според кои тројца други специјалисти посочиле дека „деветката“ можел да игра во Катар од осминафиналето, но Дешамп два дена пред СП го испрати дома и повеќе не го викна, а Франција го загуби финалето од Аргентина на пенали.
Реал со оваа победа сега има 38 бода, еден повеќе од Барселона, која во сабота од 14 часот го игра каталонското дерби со Еспањол. Атлетико Мадрид со 27 бода е трет, а Реал Сосиедад четврти со бод помалку од мадридските црвено-бели.
За Валјадолид ова беше осми пораз сезонава и со 17 бода е на 15-та позиција во групата на екипи со исто бодовно салдо во кое се Жирона, Алмерија и Хетафе пласирани од 12-позиција надолу.