Циркусот во Унгарија секој ден добива ново поглавје. Ловро Михиќ штом се врати и доби дозвола да се приклучи на хрватската репрезентација повторно беше позитивен на тестирањето .
Од ден на ден се потврдува залудноста на ова првенство во кое играчите отпаѓаат само така, други влегуваат место нив и се вметнуваат во системот практично без никаква подготовка.
Требаше да биде ракометна забава, задоволство, но се претвори во тортура и вистински кошмар за се` поголем број репрезентации.
Ова што се случува со хрватската репрезентација е вистински циркус. По сагата со Давид Мандиќ наречена „играш – не играш“, нова истоимена епизода доби Ловро Михиќ.
Имено, откако беше негативен на тестот, Михиќ вчера доби дозвола да и се приклучи на репрезентацијата, но синоќешниот тест покажа дека Михиќ е позитивен.
Така Михиќ е изгубен за вечерашниот меч со Данска, а бидејќи и Мандиќ и Валентино Равниќ се позитивни, Марин Јелиниќ остана осамен на крилните позиции, па Хрвоје Хорват го повика Давор Чавар да му прави друштво.