Благоја Милевски за своето деби како селектор на сениорската репрезентацја на Македонија објави на кои фудбалери ќе бидат во комбинација за претстојните дуели. На официјалната прес-конференција зборуваше за списокот, ги објасни своите одлуки и се осврна подетално на дел од репрезентативците.
„Се одлучивме за овој циклус да повикаме играчи кои имаат искуство во ваков тип натпревари. Се согласувам дека Трајковски и Зајков немаат минутажа, иако нагласив дека ќе добиваат шанса само тие со сериозна минутажа во клубовите, но на тие позиции каде што сме лимитирани во моментов, таков тип на играч како Трајковски немаме. Според комуникацијата со него, тој е подготвен иако му недостигаат натпревари, тој е професионалец и ќе даде максимум. Зајков ги мина подготовките со Шарлроа, направи трансфер во Левски и се надевам дека ќе има деби до собирот.
Имаме тројца дебитанти: Миовски, Серафимов и Тодороски, како и повратниците Јаховиќ и Илиев. Искуството на Јаховиќ ќе ни помогне, неговиот потенцијал е голем и ќе биде добредојден во оваа транзиција на А-тимот, по откажувањето на Пандев, Тричковски и Велкоски. Подмладувањето е неминовно, но се надеваме дека ќе го дополниме минусот од тројцата кои заминаа во нападот. Сите кои се тука, го заслужија повикот, а особено зборувам за дебитантите.
Што се однесува до Бејтулаи, тој е на поширокиот список на репрезентацијата. Не сум задоволен од неговата форма во моментов, бидејќи ги следев неговите настапи во Шкендија и затоа не доби повик. На позицијата каде што планирам тој да игра, десен бек, сметам дека Ристовски и Тодороски се во подобра форма. Тој и Влатко Стојановски не се на списокот сега, но не значи дека нема да добијат повик во наредниот циклус, ама сè зависи од нив и нивните настапи. Кај останатите, најважно е да се здрави и подготвени за тоа што ни следи во септември“, изјави Милевски.
За Адеми и Николов додаде:
„Николов доби позитивен тест, ќе го очекуваме наредниот тест и се надеваме дека ќе биде негативен. Адеми пак, во разговор со него и Динамо, одлучивме дека најдобро е да не игра бидејќи неговото здравје е најважно. За жал, нема да можам да сметам на неговите услуги за овој циклус“, најави селекторот.
Официјално подговотвките започнуваат на 30.08 а натпреварот со Ерменија кој го играме дома е закажан за втори септември во 20:45.