Никола Карабатиќ беше позитивен на коронавирус по натпреварот меѓу Франција и Холандија минатиот четврток, но ЕХФ сепак му дозволи да игра против Исланд во сабота. Заразениот Карабатиќ постигна еден гол и асистираше четири во поразот на Франција од Исланд (29:21).
Од ЕХФ објаснија дека му дозволиле на Карабатиќ да настапи бидејќи во декември ја прележа короната, па не претставува опасност за околината бидејќи има високо ниво на антитела. „Точно е дека Никола Карабатиќ имаше позитивен тест по мечот со Холандија. Нашите медицински експерти ја прегледаа неговата медицинска историја бидејќи претходно беше заразен со Ковид. Врз основа на неговото ниво на антитела, проценивме дека е безбедно да игра“.
Карабатиќ имаше позитивен тест за прв пат на 22 декември. Тој беше тестиран откако имаше симптоми на коронавирус. По позитивниот тест, тој пропушти дел од подготовките за ЕП и остана во изолација во Стразбур.
Карабатиќ ќе продолжи да се тестира и да му биде дозволено да игра доколку не се намали нивото на неговите антитела. Франција вечерва од 20:30 часот против Црна Гора ќе одигра клучен натпревар. По поразот од Исланд кој го загуби Франција денеска мора да ја добие Црна Гора.