Партизан има највисоки амбиции сезонава, тимот неодамна го засили Матијас Лесор, а закрепнаа играчите кои имаа проблеми со коронавирус и повреди, па тренерот Жељко Обрадовиќ имаше комплетен тим за вечерашниот дуел со Турк Телеком во Анкара, во 11. коло на Еврокупот. Но, ништо од тоа не дојде до израз на овој натпревар кој Турк Телеком го доби убедливо со резултат 85:71.
Ова е трет пораз за Партизан во групата А од Еврокупот, црно-белите сега имаат скор 8-3, а Турк Телеком ја прекина мини-серијата од два врзани порази и стигна до шестата победа во 11 одиграни натпревари.
Избраниците на Жељко Обрадовиќ, кои беа поздравени со овации од објективната домашна публика, беа рамноправни само во текот на првата четвртина, но на почетокот на втората домашните стигнаа до првата значајна предност, 26:18, што беше најава за се што го чека Партизан на овој натпревар.
До крајот на првото полувреме предноста на Турк Телеком стана двоцифрена, изнесуваше 40:27, а во третата четвртина домашните влегоа со 11 поени повеќе – 43:32.
Турскиот тим импресионираше во нападот, речиси беше непогрешлив во шутот за два поени, со околу 77 отсто успешност во поголемиот дел од натпреварот, а шутот за три не беше многу послаб, беше околу 50 отсто.
Партизан за тоа време немаше напаѓачки играч, а енергијата во одбраната не беше ништо подобра од претходниот дуел со Мега во АБА лигата . Центарот Матијас Лесор беше еден од најефикасните, но очајно ги изведуваше слободните фрлања, па тоа е една од причините за големиот заостаток на црно-белите во првото полувреме.
Сликата на теренот воопшто не се промени во продолжението од натпреварот. Домашните предводени од одличниот Клемонс продолжија со одлична игра во напад, Партизан изгледаше безидејно, без вистински лидер на теренот и разликата во корист на домашните беше постојано двоцифрена.
Од Жељко Обрадовиќ ќе слушниме дали ова издание е последица на долгиот пат до Анкара и проблемите поради лошите временски услови да се стигне до дестинацијата или пак е нешто друго, но она што го покажа Партизан на последните два натпревари секако ги загрижува неговите навивачи.
Далас Мур ги предводеше црно-белите со 15 поени, Пантер постигна 14, исто како Лесор кој шутираше слободни фрлања 4/16! Ледеј го заврши мечот со 10 поени, но неговата форма е во опаѓање во однос на првиот дел од сезоната.
Во победничкиот тим Клемонс постигна 20,а Џонсон и Терел по 15 поени.