Повратникот во македонската лига Мартин Томовски, кој ова летово од германски Лудвигсхафен дојде во Вардар е оптимист пред двомечот против ППД Загреб во СЕХА лигата. Томовски истакна дека Загреб е анализиран и ќе најдат решение за нивната гранитна одбрана.
„Загреб е солидна екипа, која годинава играше добро во СЕХА лигата, а тимот и се засили. Одбраната им е главно оружје. Ние се надеваме дека тоа само така изгледа гранитно, бидејќи на средината имаат двајца играчи со искуство во Бундеслигата. Не треба да не интересираат тие работи, имавме доволно време да се подготвиме. Вршиме и видео анализи, со кои се надевам ќе ги сумираме сите нивни слабости и ќе ги искористиме. Дилема нема, јасно е дека ќе одиме на триумф на двата меча и пласман на Ф4 во Задар“, изјави Томовски.
Томовски во подготвителните тест натпревари добива предност пред другите голмани во Вардар, Борко Ристовски и Али Сафар и засега ја оправдува довербата од Вујовиќ. Вечер ќе има можност одново да ги покаже своите квалитети пред навивачите на Вардар.