Италијанската скијачка Федерика Брињоне ја продолжува доминацијата во супервелеслалом. Брињоне дојде до нова победа во Гармиш, но овој пат ја подели .
Германски Гармиш-Партенкирхен беше сцена на нов женски супервелеслалом, а победата повторно ја однесе лидерката во дисциплината Италијанката Федерика Брињоне.
Но, овој пат таа ја подели победата со Австријката Корнелија Хутер , и двете имаа идентично време од една минута, 18 секунди и 19 стотинки.
Остатокот од конкуренцијата не беше ни блиску. Уште една Австријка, Тамара Типлер, се искачи на подиумот со заостанување од 82 стотинки .
Одличниот ден за Австријките го заокружи Надин Фест на петтото место со 93 стотинки полошо време од победничките, а за неколку стотинки заостана шестата Французинка Романа Мирадоли.
Останатите претенденти за Малиот глобус во Супер Џи разочараа. Корин Сутер заврши само осма и освои 32 нови поени, додека второпласираната Елена Кутрони собра само 26 нови поени.
Многу од најдобрите скијачки во супервелеслалом не ни настапија во Германија , Софија Гоџа, Лара Гут-Бехрами, Микаела Шифрин и други не излегоа на патеката.
Во дисциплинскиот поредок Брињоне сега има 477 бодови, 103 повеќе од Кутрони, додека Гоџа е трета со 332 бода. Во генералниот пласман на врвот нема промени, Шифрин и понатаму е пред Петра Влхова со 17 бодови повеќе, додека Брињоне се искачи на третото место, но со дури 237 бодови помалку од Словачката.