Шпанскиот тенисер Рафаел Надал е победник на овогодинешниот Австралија опен и е нов рекордер по бројот на освоени Грен слем трофеи.
Тој денеска во маратонското финале по пет и пол часа борба и голем пресврт го победи најдобриот руски тенисер Данило Медведев со 3:2, по сетови 2:6, 6:7/5:7/, 6 : 4, 6: 4, 7: 5.
За Надал ова е 21. трофеј на најголемиот турнир, Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер останаа на 20 .
Воедно, со овој триумф Надал стана, заедно со Ѓоковиќ, единствениот тенисер кој барем два пати го освоил секој од четирите Грен слем турнири, со оглед на тоа што денеска по втор пат во кариерата го освои Мелбурн.
Првиот сет мина во целосна доминација на Данил Медведев. Рускиот тенисер многу полесно добиваше гемови на свој сервис, а Надал се држеше само во првите четири гема, по што Медведев влезе во серија,по која лесно ги доби следните четири гема во низа, од кои два на сервис на Надал .
Сепак, од почетокот на вториот сет на сцена стапи „вистинскиот“ Рафаел Надал. Конечно успеа да дојде до својот прв брејк, потоа поведе со 4:1, но Медведев не се предаде. Русинот надополни еден, а потоа и уште еден по брејкот на Надал кога Шпанецот поведе со 5:3 и по маратонските поени сепак успеа да стигне до тај-брејк.
И тогаш Медведев заостануваше , постојано бркаше резултат, исто како од почетокот на овој сет, и ја доби првата и едиснствена можност да дојде до предност во овој дел од играта во клучен момент – поведе со 6:5 во тај-брејкот, а потоа ја искористи првата сет топка за водство од 2-0 во сетови!
Овој сет го означи и влегувањето во теренот на гледач кој носеше транспарент против австралиската политика кон имигрантите, а по неколку минути припадниците на обезбедувањето буквално го извлекоа од теренот.
Со оглед на тоа што само вториот сет траеше близу час и половина, се чинеше дека Надал нема да има сили да направи пресврт, но се случи спротивното.
Додуша, доколку Медведев искористеше одлична прилика во третиот сет, кога имаше три врзани брејк топки при водство од 3-2, најверојатно епилогот ќе беше сосема поинаков, но Русинот му дозволи на Надал да се извади во таа ситуација .
Надал „намириса“ дека неговиот ривал паѓа во играта, а тоа го почувствува и публиката, која често на непристоен начин му пружи огромна поддршка на Шпанецот кој прави брејк во деветтиот гем и потоа го решава третиот сет во своја корист – 6:4. .
Пред почетокот на четвртиот сет Медведев му се пожали на главниот судија Џон Блом за однесувањето на публиката, но не вредеше, притисокот од трибините се повеќе го погодуваше рускиот тенисер, а Надал очекувано изгледаше се подобро.
Во четвртиот сет клучен беше петтиот гем, кој беше уште еден мал маратон, а Надал ја искористи седмата брејк топка и најави целосен пресврт.
Предноста што ја стекна тогаш Шпанецот ја задржа до крајот на сетот кој го доби исто како и третиот со резултат 6:4.
Медведев имаше се повеќе проблеми со грчеви, побара и доби помош од физиотерапевт пред петтиот сет, но Надал не се предаде, па прв стигна до брејк во решавачкиот сет, кога поведе со 3: 2.
Во следниот гем, на сервис на Надал, Медведев пружи силен отпор, се избори за три брејк топки, но Надал покажа дека ништо не може да го спречи на патот до 21. Грен слем трофеј.
Тој поведе со 4:2, по што се чинеше дека Медведев нема сили за нов сличен напад, но во деветтиот гем веќе „отпишаниот“ Русин успеа во намерата – брејк за 5:5. !
Сепак, овој брејк не му даде дополнителна сила, беше само краткотраен блесок, почна да греши премногу на свој сервис, а третата брејк можност Надал ја искористи за ново водство, 6:5.
Надал го доби последниот натпревар без загубен бод и неговото големо славје можеше да започне .