Кристијано Роналдо по тригодишна авантура во Италија си заминува од Јувентус и се враќа назад на островот во својот поранешен клуб, Манчестер Јунајтед.
Откако се е готово, Роналдо преку социјалните мрежи одлучи да се збогува со неговиот досегашен клуб, и да му посака се најдобро во иднина. Роналдо истакна дека играл за најдобриот клуб во Италија, еден од најдобрите во Европа и дека дал се што имал додека бил дел од „Старата дама“.
„Денес заминувам од неверојатен клуб, најголемиот во Италија и со сигурност еден од најголемите во Европа. Го дадов срцето и душата за Јувентус, секогаш ќе го сакам градот Торино. „Бјанконерите“ секогаш ме почитуваа, а јас сакав да им се оддолжам со борба на теренот, секој натпревар, секоја сезона, во сите натпреварувања. На крајот, можам да погледнам назад и да сфатам дека постигнав одлични работи, не сè што сакавме, но сепак испишавме убава приказна заедно.
Секогаш ќе бидам еден од вас, вие сте дел од мојата историја и јас се чувстувам како дел од вашата. Италија, Јувентус, Торино, „бјанконери“, засекогаш ќе бидете во моето срце“, напиша Роналдо.