Кошаркарите на Голден Стејт обезбедија и 38. победа во тековната сезона откако синоќа на гостувањето кај Хјустон славеа со 122:108. Стивен Кари го предводеше својот тим до шестата последователна победа со 40 поени, од кои дури 21 во последниот дел од средбата, а придодаде и девет асистенции и пет скока. Ендрју Вигинс со 23 поени беше втор поентер кај „воините“, кои со оваа победа остануваат втори на Западот.
Оклахома на домашен терен го совлада Портланд со 98:81 и со тоа ја прекина серијата од седум последователни порази во НБА лигата. Филаделфија ја обезбеди петтата победа во низа на домашен терен, откако по продолжение против Мемфис славеше со 122:119. Најдобар играч во победничкиот тим беше Џоел Ембид, а најефикасен беше Тајрис Мекси со 33 поени и осум асистенции.
Џа Морант, кој промаши слободно фрлање на крајот од регуларниот дел за водство на Мемфис (111:111), го предводеше својот тим со 37 поени и по пет скока и асистенции. Мемфис е трет на Западот, додека Филаделфија е трета во Источната конференција.