Знаменосецот на Американска Самоа , Нејтан Крамптон привлече големо внимание кај светот откако се појави без маица на церемонијата на отворањето на Зимските олимписки игри во Пекинг, облечен во традиционална облека на својата земја и со апостолки на неговите нозе.
На температура од -6 степени , Самоанецот е единствениот знаменосец кој парадираше речиси целосно гол, со подмачкани гради, меѓу сите други спортисти, топло облечени во јакни.
Со овој настап, Нејтан Крамптон му оддаде почит на Тонганецот Пита Тауфатофу, кој слично облечен парадираше со подмачкано торзо како знаменосец на својата земја за време на последните три Олимписки игри (2016 година во Рио, 2018 година во Пјончанг и последната во Токио) , а ги пропушти овие Игри бидејќи Тонга беше погодена од земјотрес, вулканска ерупција и цунами минатиот месец.
Крамптон веќе беше знаменосец на својата земја во Токио минатата година, кога исто така настапи во традиционална носија. 36-годишниот атлетичар се натпреваруваше на 100 метри во Токио, а ќе се натпреварува во скелетон во Пекинг.