Косовскиот скијач Албин Тахири постигна историски резултат за својата земја на Олимписките игри во денешната алпска комбинација.
Тахири, кој за пет дена ќе го прослави својот 33-ти роденден, заврши на 15. место во алпската комбинација во Пекинг, што е најдобар резултат во историјата на Косово на Зимските олимписки игри.
Се натпреваруваа вкупно 27 натпреварувачи, а двете трки ги завршија вкупно 17. Тахири најпрвин го освои 22. место во спуст, а по слаломот стигна до вкупно време од 1:52.44 и 15. позиција.
Заостана 16,86 секунди зад победникот Јоханес Штролц.
Натпреварувачите на Косово првпат настапија на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг во 2018 година, кога Тахири беше единствениот натпреварувач.
Тахири,кој по професија е стоматолог, тогаш се натпреваруваше во сите пет ски дисциплини, а најдобар резултат му беше 37. место, во алпска комбинација.
Тој ќе се натпреварува во слалом и велеслалом во Пекинг на 13 и 16 февруари, а 17-годишната скијачка Киана Криезиу исто така ќе го претставува Косово на овогодинешните игри.