Ракометарите на Вардар ја отворија 2022 година во СЕХА лигата со новиот тренер, Давид Дејвис со пораз од 24:25 што е најава за уште една тешка сезона во која ќе има многу нови натпревари и предизвици на кои ќе треба да се одговори во текот на следните неколку месеци.
Вардарци имаа тешко отворање на средбата. Влегоа во грч и во одбрана и во напад, а тоа беше искористено од страна на гостите кои делуваа порасположено. Имаа поголема концентрација и поголема подвижност во одбраната и тоа го користеа и за главно лесни погодоци во отворањето на средбата.
Нексе имаше рано водство од 6:3 после само десет минути игра и овие плус три разлика им овоможија да имаат контрола на играта извесен период. Нексе имаше контрола на предноста и успеа да остане во плус од 2-3 гола. Стигна и до четири гола разлика во 23. минута кога резултатот беше 11:7 така што веќе тука почна да станува навистина тешко за вардарци.
Сепак, во завршните моменти од првото полувреме „црвено-црните“ успеаја да стегнат во одбрана, Томовски одбрани седмерец и стана малку полесно за да се одигра така што на одмор се замина со резултат од 11:13.
Затоа, почетокот на вторите 30 минути беше далеку полесен од стартот на средбата. Вардар успеа да наметне свое темпо. Серијата од 4:0 за пет минути игра донесе убав почетокот на вториот дел од натпреварот, но тоа мораше да продолжи бидејќи ништо не беше решено. Тоа најдобро се виде во 40. минута кога резултатот одново беше негативен бидејќи Вардар губеше со 16:17.
Играта со осцилации односно игра топло-ладно продолжи до крајот од средбата. Постојано имаше добри моменти, но и лоши кои влијаеа и на резултатот. Нексе имаше расположени ракометари кои знаеја да казнат, додека Вардар чекаше главно од Моралес или Дибиров за да реализираат.
На крајот решаваше една топка. Нексе во последниот напад тактизираше до пасивен и тоа буквално последната шанса за шут кога Вејин од тешка позиција успеа да погоди за 25:24. Вардарци во последните триесетина секунди секунди се прекомбинираа, па на крајот останаа без бодови и ја отворија 2022 година со пораз.