На стадионот во Јаунде се одигра драматично финале на Африканскиот куп на нации, а титулата шампион ја освои репрезентацијата на Сенегал по изведувањето пенали, за прв пат во историјата!

Таа во финалето ја совлада селекцијата на Египет со 4:2 во пенал серијата, по 120 минути игра беше 0:0.

Сенегал одлично го отвори натпреварот, а по само четири минути изнуди пенал кој го направи Абделмонем.

Садио Мане ја изведе најстрогата казна, но неговиот удар го спречи египетскиот голман Абу Габал.

Остана 0:0, а Египќаните можеа да поведат на крајот од првото полувреме кога Салах одлично шутираше од десната страна, но голманот Менди беше на висина на задачата.

Во продолжението од натпреварот и двете селекции беа се попретпазливи како што се наближуваше 90. минута и беше јасно дека овој дуел оди кон продолженија.

Сенегал сериозно се закани преку Диенг на почетокот на првото продолжение, но египетскиот голман уште еднаш се истакна.

Истиот играч се закануваше во 100. и 115. минута, но како што натпреварот се ближеше кон крајот, Абу Габал беше се посигурен на голот и успеа да ја зачува својата мрежа и по 120. минута.

Одлуката за шампионот мораше да се донесе по изведувањето на пенали.

Абделмонем ја погоди стативата во втората серија, но потоа голманот Абу Габал го одбрани ударот на Сар.

Моментот на одлуката следеше по одбраната на Менди, кој го запре ударот на Лашен, а Садио Мане му донесе историски триумф на Сенегал, со силен и прецизен удар во десниот долен агол за конечни 4:2 во корист на Сенегал!

https://www.youtube.com/watch?v=8NEeGiM8hV0