Манчестер Сити го победи португалскиот Спортинг со 5:0 во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите. Головите за Сити ги постигнаа Махрез (7′), Бернардо Силва (18′, 44′), Фоден (32′) и Стерлинг (58′). Сити со оваа победа практично обезбеди пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите.
Резултатот верно отсликува се што се случуваше на теренот. Веќе во седмата минута голманот на Спортинг Адан мораше да ја вади топката од мрежата. Махрез погоди по асистенција на Кевин де Брујне. Најпрво голот му беше поништен, но со помош на ВАР, Сити сепак поведе.
Бернардо Силва постигна фантастичен гол во 17. минута. Португалецот налета на топката која беше одбиена по корнер, ја погоди мајсторски од волеј удар и повторно Адан не можеше ништо да направи во таа ситуација.
Фил Фоден, кој играше на позицијата лажна деветка во системот на Гвардиола, постигна гол во 32. минута за 3:0. По еден центаршут од десната страна, Коутс не успеа да ја расчисти ситуацијата, па топката дојде до Фоден, кој лесно биеше од непосредна близина.
Одличното прво полувреме за Манчестер Сити заврши Бернардо Силва. кој во 44. минута погоди за 4:0. Рахим Стерлинг доби одлична топка во просторот, а потоа му врати на Силва кој постигна гол од непосредна близина за дополнително да го зголеми водството на Сити.
Сити продолжи да доминира во играта и во вториот дел и брзо постигна уште еден гол. Стерлинг од 20 метри го погоди подалечниот агол од мрежата на Адан за 5:0. Реваншот се игра на 9 март во Манчестер.