Екипата на Еурофарм Пелистер иако некомплетна успеа да одигра добар натпревар на гостувањето во Франција кај Ним, но се враќа со пораз од 25:23. Нијанси беа во прашање, а овој пораз го остави тимот од Битола на три разлика од лидерот Ним кој останува лидер во Групата Д од Лигата на Европа.
Ракометарите на Еурофарм Пелистер имаа добро отворање на средбата. После почетната израмнетост на силите и нерешени 3:3 дојде до првата предност од два гола 5:3, а потоа и до плус три, 8:5.
Тука дојде до враќање во ритам на домашните кои успеаја со серија од 4:0 да го свртат резултатот во своја полза. Стигнаа до водство кое го одржуваа до крајот од првото полувреме.
Иако Еурофарм Пелистер имаше одново нерешен резултат, сепак, не успеа да го врати и водството. Домашните дојдоа до погодок и на одмор заминаа со водство од 13:12.
Еурофарм Пелистер успеа подобро да го отвори и второто полувреме и дојде до 16:14 во 37. минута. Сепак, тука одново дојде до криза и серија од 4:0 на домашните кои комплетно го свртеа резултатот во своја полза. Стигнаа до 18:16 во 43. минута така што имаа позитивен резултат кој успеваа да го одржуваа.
Постојано се играше гол за гол. Еурофарм Пелистер намалуваше на еден гол негатива, но домашните веднаш зголемуваа и повторно имаа плус два. Кој победува стана јасно кога домашните поведоа со плус три. Имаа 23:20 на пет минути до крајот од натпреварот и тука веќе се гледаше кој победува. И покрај тоа Еурофарм Пелистер успеа да намали на гол негатива, но не успеа повеќе. Домашните имаа контрола и дојдоа до победа од 25:23 така што ги освоија двата бода од овој натпревар.
На овој натпревар тимот на Еурофарм Пелистер настапи значително ослабен и со само 12 играчи во ростерот. Недостасуваа стандардните Мараш , Периќ , Ојлески , Обрадовиќ , Радовиќ и Божиќ-Павлетиќ .