Најголемата ѕвезда на Реал Мадрид, французинот Карим Бензема, кој имаше неверојатен скор од 46 гола во изминатата година, во која „кралевите“ станаа европски и шпански прваци, викендов нема да игра, но не поради нова повреда туку поради одлука на Карло Анчелоти.
Французинот минатиот викенд се врати на терените после нешто повеќе од две недели пауза поради повреда но тој не е повторно повреден, туку Анчелоти е решен да го поштеди и да го сочува за следната седмица во која „кралевите“ ги чека нов меч со украински Шахтер, а потоа големото „ел класико“ против Барселона на 16 октомври од 16.15 часот.
Одлуката на Анчелоти е да не го форсира Бензема после два меча откако се врати од повредата и да ризикува нешто непотребно против Хетафе, особено што италијанскиот стратег остана без Тибо Куртоа во овој период и без Дани Себалјос кој веројатно го загуби до јануари.
„Ел Класико“ е само еден ден пред „Франс Фудбал“ да го објави освојувачот на „златната топка“, која многу извесно е дека ќе ја освои Бензема.