Аеродромци како што загубија добиен меч пред два дена против Сутјеска, така овој пат дојдоа до триумф во речиси безизлезна ситуација, кога противникот прво имаше плус три (75-72), а потоа и 75-74 со две слободни фрлања на осум секунди до крајот. Но, еден од противничките кошаркари ги промаши двете слободни фрлања, по што следуваше релативно бавен напад во кој репрезентативецот на Македонија одлично се снајде и дури и сам ја положи топката во противничкиот кош.
Сино-белите беа во негатива во поголемиот дел од средбата, повторно имаа многу загубени топки (21), а му дозволија на противникот дури 16 офанзивни скока, но и покрај тоа не се предадоа до самиот крај и беа наградени за тоа. Немања Милошевиќ со 15 поени и 10 скока и Војдан Стојановски со 14 поени беа најпрецизни кај МЗТ Скопје, додека двоцифрен ефект остварија уште и јунакот Мекиќ и Роберт Рикиќ со по 10 поени.
Со овој триумф, македонскиот шампион останува осамен на втората позиција на табелата со скор 7-2, во пресрет на последниот меч на турнирот во Бања Лука, кој ќе го одигра в сабота против Војводина.