Сенегалската ѕвезда Садио Мане, кој го даде решавачкиот гол од пенал за прва африканска титула на неговата земја во третото финале во историјата, освен парична награда и плацеви за градба ќе добие и стадион со неговото име во знак на благодарност од градоначалникот на неговиот роден град Седиу.
Новиот стадион во Седиу во моментов е во фаза на изградба и се очекува да биде пуштен во употреба во текот на идната година, а градоначалникот Абдулаје Диоп објави дека стадионот ќе се вика – „стадион Садио Мане“.
„Садио Мане го израдува и го направи горд цел Сенегал, посебно регионот Седиу и целата околина на Касаманце. Затоа решив стадионот да го носи неговото име. На овој начин сите ние во овој регион сакаме да му се оддолжиме и да му се заблагодариме. Ова е подарокот што Мане ептен го заслужи“, рече Диоп.
Мане е познат како човек со големо срце, кого богатството не му удрило во глава, па без оглед на милионите евра што ги заработува, тој досега се покажа како голем хуманитарец и постојано донира пари за изградба на училишта, болници, водовод… во својот роден град, но и во цел Сенегал, а веднаш после африканската титула му помогна на едно дете откако ја плати операцијата која беше итна.