Од Агенцијата за млади и спорт ја признаваат грешката која е направена со ваучерот за најдобриот спортист на Македонија за 2021 година, таеквондистот Дејан Георгиевски кој донесе сребрен медал за Македонија од Летните олимписки игри во Токио.
Наспроти значително повисоки суми за голем број спортисти од индивидуалните спортови, за олимпиското сребро на Дејан Георгиевски беа издвоени смешни 350.000 денари, сума која според АМС и дефинитивно ќе биде промената на следната владина комисија.
„За тој случај мислам дека станува збор за грешка. Во понеделник ќе има владина комисија и ќе бидат разјаснети сите недоразбирања. Такво нешто се случи и минатата година и верувам дека се ќе биде во ред“ – изјави првиот човек на АМС, Наумче Мојсоски за „Фокус“.
По објавената сума денеска и самиот се огласи Дејан Георгиевски истакнувајќи во своето обраќање до јавноста дека ,,не сака ниту да помисли дека станува збор за намерно и свесно напаѓање на сребрениот олимписки медал”.
Минатата година, како што е познато, имаше грешка и со ваучерот за еден од најдобрите македонски атлетичари Дарио Ивановски кој исто така дополнително беше корегиран.