Сериозни проблеми за организаторите на Игрите во Пекинг, бидејќи се принудени да ги откажат настаните поради нестабилните временски услови
Квалификациите за жени во скијање во слободен стил на Зимските олимписки игри во Пекинг се одложени поради силен снег, соопштија организаторите.
На патеката паѓаше силен снег, а организаторите го одложија настанот поради лошото време. Вкупно 27 скијачки требаше да учествуваат во квалификациите денес, вклучувајќи ја и домашната миленичка Ајлин Гу, која го освои златниот медал на Биг Ер во вторникот.
Температурите на воздухот се спуштија до -15 степени Целзиусови во снежниот парк Гентинг во Жанџиаку.Претходно беше откажан тренингот за жени во спуст. Тренингот на скијачите требаше да започне во 14 часот по македонско време, но големото количество на ново паднат снег го оневозможи тренингот. Уште еден тренинг е во понеделник, а женскиот спуст е закажан за вторник наутро.
Кинеската метеоролошка управа издаде предупредување за снежна бура во неделата, велејќи дека се очекуваат значителни снежни врнежи во големи делови од северна Кина, вклучувајќи го Пекинг и местата на Зимските олимписки игри.
Исто така, второто возење во машкиот велеслалом требаше да биде во 6.45 часот, но почетокот е одложен за 8 часот.