Хокеарите на Русија, кои го бранат златото на Зимските олимписки игри во Пекинг, станаа вториот полуфиналист на турнирот со победата од 3:1 над Данска .

Откако Словачка направи големо изненадување над САД во првиот меч од четвртфиналето на хокеарскиот турнир на Зимските олимписки игри, Русија не дозволи такво нешто. Русите ја совладаа Данска со 3:1 и се пласираа во полуфиналето.

Како и во групата кога беше 2-0 за Русите, повторно видовме солиден дуел со малку голови и неколку исклучувања, две на страната на Русите и три за Данците. Секако, одлучувачки беше индивидуалниот квалитет на Русите кои имаа иницијатива и постојано напаѓаа.

За тоа сведочи и соодносот на ударите кои отидоа на страната на Русија со повеќе од двојно поголем однос (40-18), па така данскиот голман Себастијан Дам беше на голема мака. Одбрани 37 удари, но три поминаа и тоа беше доволно.

Вадим Шипачев го отвори резултатот по 13 минути игра во првиот период, но со отворањето на вториот, по две и пол минути Русите заработија исклучување, а тоа Данците преку Нилсен ја користат за израмнување.

И тоа беше се од нападот на Данска, до крајот на вториот Нестеров им го врати водството на Русите, а конечните 3:1 ги постави Војнов со играч повеќе на мразот.

Русите го бранат златото од Пјонгчанг под знамето на својата олимписка федерација, кое го освоија под името „Олимписки спортисти од Русија“. Ако Русија го освои медалот, тоа ќе биде второ по ред на ЗОИ по серијата разочарувања во Торино, Ванкувер и Сочи, поточно 16 години од Солт Лејк Сити до Пјонгјанг.