Ансу Фати (18) е играчот кој во иднина ќе го носи дресот со бројот десет во Барселона. Младиот Шпанец се нафати да ја носи десетката која остана без сопственик по заминувањето на Лионел Меси.
Повеќе играчи одбија да го земат овој број, а извесно време се пишуваше и дека никој нема да го земе бројот 10.
„Нашата нова десетка“, напишаа накратко во објавата од Барселона на социјалните мрежи заедно со видеото посветено на Фати.
Фати дебитираше за Барселона кога имаше неполни 17 години. Тој го постигна својот прв гол за Барселона на возраст од 16 години и 304 дена. Тој е најмладиот стрелец во историјата на клубот и третиот најмлад во историјата на Ла Лига.
Поголемиот дел од минатата сезона не играше поради повреда.