Фабијано Сантакроче беше еден од најголемите италијански таленти пред десет години. Сепак, дефанзивецот, кој како 22-годишник беше платен од Наполи пет и пол милиони евра, не направи кариера каква што очекуваше. Тој пред две години се прости од фудбалот во нисколигашот Виртус од Верона.
Тешка повреда на коленото, немотивираност, луди занимации, трошење пари на алкохол и жени се некои од причините поради кои тој не стана она што многумина го видоа кај него – наследникот на Алесандро Неста. „Во Наполи бев казнет затоа што доцнев на тренинг, но имав проблеми со спиењето, пиев таблети и не го слушнав алармот. Рекоа дека сум пијан и се дрогирав. Никогаш не запалиц џоинт. Никогаш“, вели 35-годишниот Сантакроче.
“Да, излегував навечер, но со мојата девојка и старите пријатели. Лажеа дека одат на забави со Јужноамериканци. Немав многу пријатели во фудбалот, како еден од нив можам да го издвојам Хамшик”, изјави поранешниот фудбалер кој сега работи како агент и се обидува да ги пренесе своите искуства на младите фудбалери.
Додека беше во Наполи, тогашниот италијански селектор Марчело Липи го повика во националниот тим на два квалификациски натпревари за Светското првенство во 2010 година. Тој стана првиот црномурест фудбалер кој доби покана во репрезентацијата, но не доби можност да игра. „Доколку неговото присуство во репрезентацијата испрати порака против расизмот, ќе бидам среќен“, рече Липи кога го покани.
“Колку заработувам денес? Доволно за да живеам добро. Како дете имав многу малку пари и се снајдов. Додека играв во Парма сакав да купам куќа, но клубот влезе во финансиски проблеми па не успеав. Денес живеам како потстанар. Среќни сме, ова ни е доволно“.