Европската фудбалска унија (УЕФА) и германски Шалке 04, каде сезонава игра македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов се под силен притисок да ги раскинат спонзорските договори со рускиот гигант Газпром, после одлуката на Русија да ги признае проруските Луганск и Доњецк како независни републики кои се наоѓаат на Истокот на Украина.
Украинскиот проблем кој донесе признавање на двата региони од Русија предизвикаа контрареакција на Западот со воведување на санкции, па освен што УЕФА е под притисок да му го одземе финалето во Лигата на шампионите на Санкт Петербург за во мај годинава, сега уште поголем притисок се создава за да се раскине спонзорството со Газпром, кој е партнер на централата од Нион за ЛШ од 2012 година.
Најголем притисок врз УЕФА доаѓа од Англија, откако премиерот Борис Џонсон посочи дека „нема шанси Русија да организира големи фудбалски настани, штом врши инвазии врз суверени држави“, а парламентарецот од лабуристите Крис Брајант, веќе побара од УЕФА да прекине со соработката со Газпром.
Рускиот енергетски гигант Газпром, лани ја продолжи соработката со УЕФА, а до лани тој договор изнесуваше 40 милиони евра од сезона, а веќе една деценија УЕФА и Газпром се партнери, но проблем е како би се раскинал договорот, а да нема финансиски импликации по европската централа ако се раскине без причина и само поради политички притисок.
Истото важи и за Шалке, каде рускиот гигант е спонзор на клубот веќе 15 години, но притисокот врз клубот од Гелзенкирхен станува огромен во моментов, а Германија веќе го прекина проектот за „Северен тек“, според кој оваа земја требаше да добива природен гас директно од Русија преку северно море.
Притисокот за раскинувањето на спонзорските договори во фудбалот доаѓа во најлош момент, после негативниот финансиски ефект од ковид-пандемијата, а УЕФА сѐ уште бара начин за најавениот фонд за спас на клубовите, откако буквално сите клубови на Стариот континент прикажаа негативни биланси и сериозни загуби по оваа здравствена криза.