Maкедонскиот шампион Вардар 1961 вечерва (20:45 часот) на домашен терен го пречекува ППД Загреб во рамките на 12. коло во Лигата на шампиони. Ова е директна пресметка за шестото место на табелата кое води во нокаут фазата.
Доколку Давид Дејвис и неговите избраници сакаат да направат чекор напред кон остварување на целта, тоа ќе мора да го сторат вечерва против хрватскиот тим. До крајот на регуларниот дел од сезоната во најсилното европско клупско натпреварување преостануваат уште три кола (сметајќи го денешниот меч). Вардар игра против ППД Загреб дома, Мешков Брест на гости и на последната средба го пречекува Елверум дома.
Конкуренцијата е голема, македонскиот првак има шанса да дојде и до петата позиција. Треба до крајот да ги добие сите мечеви, а директните противници како Елверум да кикснат не дел од натпреварите вклучувајќи го вечерашниот со Алборг и оној во Скопје во последното коло.
Македонскиот првак за средбата со ППД Загреб го пријави Стефан Додиќ, а колку Дејвис ќе го искористи ќе видиме вечерва. Добро е познато дека Анте Гаџа поради повреда е надвор од терените, па позицијата среден бек е проблематична. Во таборот на „црвено-црните“ се враќа Борко Ристовски, а и натаму го нема Марко Мишевски.
На првата средба оваа сезона, Вардар се врати со пораз од Згареб, беше совладан со 23-22. Дуелите меѓу овие две екипи секогаш биле возбудливи.
Од таборот на „црвено-црните“ се надеваат дека ќе имаат поддршка од своите верни фанови.