Петтиот играч во светот Рафаел Надал со победата над Стефан Козлов во осминафиналето на турнирот во Акапулко стигна до најдобриот старт на сезоната.
За Шпанецот ова беше 12-ти триумф сезонава откако славеше против Американецот роден во Скопје со 2:0.
По сетови беше 6:0, 6:3 за час и 17 минути игра.
Надал беше особено импресивен при првиот сет во кој не му го препушти ниту еден гем на противникот, односно ги направи сите три брејка на противнички сервис, пропуштајќи само една од 4-те можности да му одземе сервис.
Тој освои 79 проценти од поените на прв сервис, речиси двојно повеќе од неговиот противник, па не е чудно што првиот сет заврши по нешто повеќе од половина час.
Козлов во продолжение пружи забележително поголем отпор, конечно почна да освојува поени на вториот сервис, но диспропорцијата на освоените на првиот, иако помала , остана. Повторно Надал прв стигна до брејк во 4. гем, но 130. играч возврати во седмиот, за веднаш да го испушти повторно сервисот во наредниот гем.
Ова му отвори пат на Надал да продолжи понатаму, а Шпанецот ја искористи првата меч топка и закажа четвртфинален меч со уште еден Американец.
Овојпат ривал ќе му биде 39-от светски играч, Томи Пол, кој по речиси три часа игра го елиминира Душан Лајовиќ (2:1), а во мечот против фаворизираниот Надал сигурно ќе влезе со доза на замор.
Покрај споменатите двајца, во Акапулко настапуваат голем број тенисери од САД, па на турнирот во Мексико учествуваа во шест од осумте меча од осминафиналето.
Маркос Жирон го победи бронзениот медалист од Олимписките игри Пабло Карено-Буста (2:1) , додека преостанатите тројца американски играчи – Џон Иснер, Тејлор Фриц и Џефри Волф беа елиминирани во оваа рунда.
Подобри од нив беа Камерон Нори, Јошихито Нишиока и Стефанос Циципас.
Автоматски пласман обезбеди Германецот Петер Гојовчик, кој требаше да игра против исфрлениот Александар Зверев, додека Медведев лесно го совлада Пабло Андухар (2:0).