Адеми пред една недела се повреди откако несмасно неговиот соиграч Јосип Мишиќ го удри во проблематичниот бутен мускул, по што изминатата седмица бескомпромисниот борец го пропушти реваншот со Севилја (1-0) и дербито за титула со Осиек (0-1). Според најавите, Адеми ќе паузира и оваа недела и претстојниов викенд нема да игра против Шибеник во хрватското првенство, но би требало да биде спремен за 12 март и дербито со Хајдук на сплитски „Пољуд“.
Враќањето на Адеми би било навреме пред мундијалскиот предизвик, зашто една недела по тој меч во Сплит ќе следуваат подготовките за пресметката со Италија, а Адеми е исклучително важна алка во средина, особено што Македонија веќе е ослабена за неиграње на Елиф Елмас и Тихомир Костадинов поради суспензии.
Поради проблеми со повредите, Адеми за македонската репрезентација пропушти пет од седумте меча во мундијалските квалификации, прво септемвриските во трите ремија во низа, откако го повреди бутот во евроквалификациите со Динамо, а потоа завршните ноемвриски мечеви, откако еден месец претходно на мечот со Германија, Каи Хаверц му падна на стапалото, по што фудбалерот за врска паузираше повеќе од месец ипол.