Македонската фудбалска репрезентација имаше чиста победа во раце во Рејкјавик од 0:2 која заслужено ја градевме со головите на Велковски и Алиовски. Ама наместо сигурен и лесен триумф, црвено-жолтите прокоцкаа сѐ што градеа цели 78 минути и двата гола предност, за на крај од Исланд да донесат само бод (2-2) во петтото коло во мундијалските квалификации за пласман на СП 2022.
Пресвртница на мечот е несигурната одбрана од слободен удар на “туристот” Столе Димитриевски кој кратко ја одби за да прими лесен гол. Ова комплетно го сврте мечот во поинаков тек, па пет минути потоа Исланд успеа и да израмни и да се спаси од пораз, иако до 12 минути пред крајот „рибарите“ не ни направија ниту една шанса.
Македонија може да жали што не победи и не се израмни со Ерменија, која вечерва има тешко гостување кај фаворитот Германија, зашто се одеше во наша корист откако Дарко Велковски го отвори мечот по корнерот на Езџјан Алиоски во 11-та минута, па после низа шанси, Алиоски со соло акција во 55-та погоди за 2-0 и Исланѓаните веќе беа на колена.
И сета таа игра во која „рибарите“ не можеа да се состават, а црвено-жолтите контролираа се, следеше погодокот со кој се вратија во меч, а потоа шокантното израмнување.
Во 94-та Дарко Чурлинов имаше извонредна шанса, која Инге Брајнарсон спаси на гол-линија, а минута потоа Адис Јаховиќ со глава по корнер биеше само крај голот.
Македонија со ова реми сега има осум бода од пет кола, Ерменија е прва со 10 пред Германија со 9, кои вечерва играат мечусебе, а Романија со шест и меч со Лихтенштајн сега има шанса да нѐ прескокне.