Женската репрезентација на Македонија загуби во драматичен натпревар од Словенија со 29-28 во 3 коло од ЕХФ Евро Купот, иако имаше пенал за реми. До самиот крај Македонија беше во игра за позитивен резултат, добивме седмерец кој го одбрани Маја Војновиќ.

Селекторот Савевски играше без леворак играч на десната бековска позиција, но во првите десетина минути успешно му париравме на домаќинот. Сепак поискусната репрезентација по 5-4, се одлепи на 10-5, што беше причина за Савевски да бара тајм-аут.

Македонија полека се врати во игра. На два пати Ристовска, па разиграните Стојковска и Јанеска реализираа и веќе беше 11-9. Мицевска одбрани, а Гичевска во следниот напад намали на 11-10. До крајот на полувремето се играше гол за гол, па на пауза се замина со 15-14.

Во истиот ритам стартуваше второто полувреме, а Македонија за првпат стигна до водство преку Јанеска во 38 минута, 18-19. Набрзина ја загубивме предноста, најдобриот стрелец на Словенија, Грос погоди за 22-21.

Стојковска и Ристовска донесоа ново водство за Македонија, 22-23, а Словенките со две брзи реализации направија пресврт, 24-23. Потоа следуваа три удари во стативите од две селекции, па Словенија стигна до 26-24.

Ристовска искористи една грешка на домашните за 26-25, но потоа и Македонија направи грешка. Грос беше немилосрдна и на пет минути до крајот донесе плус два за Словенија, 28-26. Нашите ракометарки не се откажуваа и Гичевска израмни на 28-28.

Погоди Зулиќ за предност на Словенија, а ние не реализиравме на минута и пол до крајот. Грос не беше успешна, па Македонија доби шанса да се избори за реми. Гичевска не успеа да погоди од пенал и победата остана за Словенија, 29-28. Симона Стојковска даде осум гола и беше најдобар стрелец, додека Леонида Гичевска постигна седум, а голманката Јована Мицевска имаше осум одбрани. Ана Грос беше незадржлива за македонската одбрана и даде десет гола, а Нина Зулиќ постигна седум.

Вториот натпревар меѓу Македонија и Словенија се игра во Скопје на 6 март од 18:30 часот.