Барселона го објави трансферот на Пабло Торе од Расинг Сантандер на денот кога талентираниот напаѓач наполни 18 години. Тој во летниот преоден рок ќе пристигне на „Камп Ноу“ и ќе почне да игра во вториот тим, иако се проценува дека младиот фудбалер ќе прерасне во голема ѕвезда.
Каталонскиот клуб објави дека трансферот е вреден пет милиони евра, но со идни бонуси би можел да порасне и до 20 милиони. Договорот на Торе е со важност до 2026 година и содржи откупна клаузула од 100 милиони евра, со која шпанските великани главно ги штитат своите млади играчи.
Шпанскиот репрезентативец до 19 години има постигнато шест гола во 21 лигашки настап за Расинг во третата лига оваа сезона, помагајќи му да се искачи на првото место и да се бори за враќање во втората лига.
Неговите игри го привлекоа вниманието на многу европски клубови, вклучувајќи го и Реал Мадрид, но очигледно најдобри услови понуди Барселона, која во ерата по Лео Меси се повеќе се врти кон градење на тимот на иднината со најголемите шпански таленти.