Европскиот шампион Челси едно полувреме се мачеше со Барнли на гости, па за десет минути од почеток на вториот дел на загрозениот премиерлигаш му даде три гола и на крај го распарчи со 4-0 за да се зацврсти на третото место на премиерлигашката табела по 27 рунди во англиската елита.
Рис Џејмс и Каи Хаверц со два гола од стартот на вториот дел до 55-та минута погодија трипати во мрежата на Барнли, а Кристијан Пулишиќ во 69-та додаде уште еден за убедливата победа на лондонските „сини“, по кои Барнли остана во опасната зона и сега само еден ривал му е најблизок, Лидс на два бода од нив со меч повеќе. Евертон, кој е прв над опасната зона со бод повеќе од Барнли, има два меча помалку во однос на овој премиерлигаш.
Последниот Норич го запиша 18-от пораз сезонава и остана на дното после убедливите домашни 1-3 со Брентфорд, а нов голем чекор кон опстанокот направи Њукасл со новата победа, петта во последните шест меча без пораз, откако со 2-1 славеше против Брајтон.