Во норвешкиот Квитфјел за денес беше закажан супервелеслаломот, а славјето го однесе Норвежанецот Александар Омод Килде, кој ја зголеми предноста на врвот во дисциплината .
Норвешкиот скијач Александар Омод Килде повторно беше најдобар во супервелеслалом и е се поблиску до Малиот кристален глобус во таа дисциплина.
Килде славеше во норвешкиот Квитфјел, трката ја заврши за минута 25 секунди и 91 стотинка. Тој беше за малку подобар од Канаѓанецот Џејмс Крафорд за само седум стотинки.
Трката беше многу изедначена, па првите пет скијачи беа во разлика од 31 стотинка, а на подиумот се искачи и Матијас Мајер со 12 стотинки заостанување. Првата петорка ја заокружија Доминик Парис и Бит Фојз.
Табелата во Супер-Г се смени на второто место каде Мајер го престигна Марк Одермат кој разочара на 28. место со само три освоени бода. На врвот е Килде со 480 поени, 130 повеќе од Мајер.
И во генералниот пласман за Големиот глобус Килде направи промена бидејќи ја надмина границата од илјада поени, сега е на 1050 и ја намали разликата зад Одермат на 189 поени.