Кошаркарите на Партизан ја совладаа Црвена Звезда со резултат 98:84 (28:21, 12:13, 24:29, 34:21) во натпреварот од 21. коло на АБА лигата.
Црно-белите му возвратија на најголемиот ривал по двата убедливи порази сезонава, во првиот дел од сезоната на Јадранската лига и финалето на Купот Радивоје Кораќ. Партизан сега има скор 17-3, а Звезда има 17-2, бидејќи има натпревар помалку.
Иако победата на Партизан е голема, тој во последните 20 секунди од натпреварот дозволи четири лесни поени и пропушти подобар меѓусебен однос со Звезда, која славеше со резултат 71:56 во првиот натпревар оваа сезона.
Апсолутен херој на победата е Алекса Аврамовиќ, кој одигра нереален натпревар и постигна 33 поени, пет асистенции и еден скок.
Во третата четвртина врза четири тројки без промашување и вкупно 16 поени, а до крајот продолжи со шутерското шоу постигнувајќи вкупно 31 од 33 поени во вториот дел.
Погоди тројки 8/10 и целосно го скрши секој отпор и дух на бранителот на титулата.
Се започна многу тврдо и во резултатски егал, се додека Кевин Пантер не се разигра.
Американецот постигна 14 поени само во првата четвртина и беше најзаслужен за почетната предност на Партизан од седум поени по 10 минути, а потоа и двоцифрена разлика на стартот од втората делница.
Но, Звезда брзо се врати и стигна до -2 благодарение на неколкуте врзани офанзивни скокови и поени, пред се на Дејан Давидовац.
На одмор се замина со резултат 40:34, но со впечаток дека Партизан прокоцка значајна предност.
Слично сценарио беше забележано уште еднаш на натпреварот кога Партизан имаше 63:51, а Звезда направи одлична серија од 15:1 и дојде до целосен пресврт со тројката на Никола Ивановиќ.
Но, во тој период, како што веќе напоменавме, траеше шутерската рапсодија на Алекса Аврамовиќ, кој веднаш одговори со тројка на тројка за 67:66, а потоа Матијас Лесор врза четири поени и големиот налет на Звезда беше одбиен.
Аврамовиќ погодуваше од сите позиции, шутираше навистина како Стеф Кари, а Звезда веќе не можеше да одговори.
На крајот разликата стигна до +18 со тројката на Далас Мур во последната минута, но Звезда погоди двапати за пет секунди и на крајот успеа да ги одбрани +15 од првиот дуел и да најде утеха во овој болен пораз од најголемиот ривал..
Натпреварот го одбележа и новото исклучување на Дејан Радоњиќ, второ последователно во ,,вечното“ дерби.
Повторно доби две технички грешки и мораше предвреме да ја напушти црвено-белата клупа.
Покрај 33-те на Аврамовиќ, Кевин Пантер постигна 22 поени, со пет скока, додека Матијас Лесор додаде 15 поени, со седум скока.
Најефикасни кај Звезда беа Дејан Давидовац и Остин Холинс со по 17 поени. Давидовац забележа и 10 скока, а Нејт Волтерс постигна 10 поени, со четири асистенции.