Фудбалерот на Реал Мадрид, Еден Азар ќе остане во клубот додека не му истече договорот, откри неговиот помлад брат Торган во интервју за белгискиот дневен весник „Het Laatste Nieuws“.
Уште кога пристигна во Реал, Еден Азар не е како фудбалерот кој жареше и палеше во Премиер лигата во дресот на Челзи. Носејќи го „синиот“ дрес беше еден од најдобрите светски фудбалери, но со доаѓањето во Реал се се промени.
Сега игра само повремено, не успева да придонесе за тимот на начин како во минатото, а Карло Анчелоти им верува на помладите сили како Винисиус (оправдано) и Родриго. Но, тоа нема да го спречи Азар да остане во Мадрид, открива неговиот брат Торган кој настапува за Борусија Дортмунд.
“Еден веќе ја направи својата кариера. Добро е таму каде што е. Неговото семејство исто така се чувствува добро таму. Тој има договор до 2024 година и мислам дека ќе почека дотогаш”, изјави Торган Азар.
Еден Азар во 2019 година беше платен на Челзи дури 115 милиони евра, а во три сезони одигра само 65 натпревари.